Седма по ред победа над Работнички за 17-то финале во плејофот!

МЗТ Скопје Аеродром е првиот финалист, откако вечерва и вторпат по ред го совлада вечниот ривал Работнички (73-62), со што без пораз ја мина и полуфиналната плејоф-пречка, откако претходно во два меча беше подобар од Кожув.

Исто како и пред три дена во Аеродром, сино-белите и овој пат во финишот го скршија отпорот на противникот, кој немаше сили да го издржи нашиот пеколниот ритам. Како клучна се покажа серијата 14-2 на стартот од последната четвртина, со која „металците“ првпат дојдоа до двоцифрена предност (69-58) и со која го најавија крајниот епилог. Лидер на сино-белата чета во овој дел беше Кеандре Кук, кој постигна осум поени, со што ги подразбуди и соиграчите за да дојдат до посакуваниот триумф.

Војдан Стојановски и Кук со 18 поени беа најпрецизни кај МЗТ Скопје Аеродром, додека зад нив беа Дастин Вер со 12 поени и Абдул-Малик со 11 поени. Аеродромци со ова се пласираа во 17. финале од плејофот, во кое ќе ја бркаат јубилејната десетта круна.

Противник на тимот од „Јане Сандански“ во битката за титула ќе биде подобриот од пресметката помеѓу Пелистер и ТФТ (1-0), во која пелистерци утре во Скопје ја имаат првата меч-топка за место во финалето.