Лесно преку Пелистер за првиот од трите чекори потребни за „десетката“!

Со лесна победа во вечерашната пресметка на домашен терен против Пелистер (84-64), нашите момци поведоа со 1-0 во финалната плејоф-серија што се игра до три победи. Противникот во ниту еден момент не беше рамноправен ривал, а сино-белите со разновидна и квалитетна игра уште во вториот период дојдоа до двоцифрена предност, која не ја испуштија до крајот. Серијата 18-4 се покажа како клучна бидејќи пред полувремето дојдовме до огромни плус 16 (39-23), кои потоа не само што ги задржавме туку дури и го зголемивме.

Избраниците на тренерот Васко Атанасов доминирас во секој сегмент, особено под кошевите, за што потврда е одличните игри на Абдул-Малик со 20 поени и шест скока и на Бојан Крстевски со 15 поени, седум скока и пет асистенции, кои беа најдобри на паркетот.

Ова е прв чекор кон јубилејната десетта титула, а вториот ќе може да го направиме веќе в среда (19 часот), за кога е закажан вториот меч и тоа повторно во нашиот „Јане Сандански“.