Работнички падна во Аеродром, на чекор сме до плејоф-финале!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го направија првиот исчекор кон пласман во финалето од плејофот во домашното првенство, откако вечерва, на домашен терен, го добија воведниот дуел против вечниот ривал Работнички (82-71).

Тоа беше тврд и неизвесен натпревар до пред самиот крај, а како клучна се покажа нашата серија од 15-3 во првата половина од последната четвртина, со која целосно го скршивме отпорот на гостинскиот тим. Центарци на 57-58 имаа и напад за водство, но потоа следеа 11 поени во низа на сино-белите, за малку подоцна да дојдат и до највисоки дотогаш плус 13 (73-60), што беше најава на крајниот епилог.

Дамјан Стојановски беше прво име во тимот на МЗТ Скопје со 14 поени и 11 скока, додека зад него беа Дастин Вер и Кеандре Кук со по 13 поени, како и Војдан Стојановски со 12 поени и седум скока. Двоцифрен ефект имаше и Александар Бурсаќ со 11 поени и шест скока.

Вториот дуел од серијата се игра в среда, кога составот од Аеродром ќе ја има првата шанса за пласман во финалето со оглед што се игра до две победи.