Пораз по голема борба на гостувањето кај Морнар!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром беа најблиску до гостинска победа на вечерашниот меч кај Морнар (84-93), со оглед што играа одлично во најголемиот дел од средбата, но го платија цехот на петте лоши минути на стартот од последната четвртина.

Домашните во овој дел со серија 11-0 дојдоа до предност од девет поени (79-70), кои се покажаа клучни за крајниот исход. Потоа следуваше обид на македонскиот шампион за враќање во игра, но составот од Бар играше беспрекорно, буквално како швајцарски часовник па сето тоа падна во вода. Сино-белите долго ќе жалат за пропуштената шанса за триумф, со оглед што играа повеќе од добро, поради што брзо ја анулираа негативата од 11 поени (33-44) на крајот од првото полувреме, по кое на одмор заминаа со резултат 46-46.

Најдобар период на тимот на тренерот Драган Николиќ беше во првата половина од третиот период, кога со девет поени во низа дојдоа до предност и со шест поени (59-53), која за жал не ја задржа долго. Црногорците имаа неколку ептен расположени кошаркари, кои буквално не можеа да промашат, што на крајот им ја донесе посакуваната победа.

Абдул-Малик Аби со 20 поени и пет скока беше најдобар кај МЗТ Скопје, додека веднаш зад него беа Кеандре Кук со 17 поени и Мајк Кафи со 13 поени, седум скока и осум асистенции. Страхиња Миќовиќ реализира девет поени, додека зад името на Војдан Стојановски останаа запишани осум поени.

Следува пауза од три недели поради завршницата од Купот на Македонија и настапите на Македонија во претквалификациите за ЕП 2025, по што наш следен меч е на домашен теренот против ФМП на почетокот од март.