Рутинска победа над Еуро Никел – четврта сезонава во Првата лига

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва дојдоа до четвртата победа во петтиот меч сезонава во Првата лига, откако на домашен терен го совладаа Еуро Никел (71-61).
Нашите момци уште од почетокот го наметнаа својот ритам и го обезбедија водството, кое го задржаа до самиот крај на средбата. Противникот беше мотивиран, даде се од себе, но избраниците на тренерот Васко Атанасов имаа одговор за секој напад на кавадарчани. Натпреварот се одигра пред празни трибини, поради казната која ја добивме од КФМ по вечното дерби со Работнички на кое бевме во улога на гостинска екипа.
Душан Танасковиќ беше најдобриот во нашиот табор со 18 поени и 12 скока, Војдан Стојановски постигна 13 поени, додека Дамјан Робев и Седрик Расел реализираа по 12 поени. Мечот го одигравме без повредениот Бојан Крстевски, а во тимот се врати Марко Баковиќ, кој ги доби првите минути по повредата на стартниот меч на првиот турнир од АБА2 во Суботица.
Наш следен противник е ГКК Охрид, кај кого ќе гостуваме следниот викенд.