Рикиќ: Ќе дадеме сѐ двојната круна да остане во Аеродром!

Поранешниот кадетски репрезентативец на Хрватска во ракомет, Роберт Рикиќ (31 год, 2019 см), кој потоа повеќе од успешно се префрли на кошарка, ќе биде високата „антена“ во рекетот на МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона, но и константна опасност по обрачот на сите противници.

Тој веќе добро ги познава условите во македонската кошарка, со оглед што дел од минатата сезона мина во дресот на Еуро Никел, поради што без никакво размислување најавува продолжување на доминацијата на нашиот тим во домашните натпреварувања.

„Уште пред да дојдам во Македонија знаев многу работи за МЗТ Скопје Аеродром. Среќен сум што добив шанса да бидам дел од клубот кој е синоним за македонската кошарка во регионот. Сѐ уште сме на почеток од подготвките, полека се комплетираме и мислам дека пред нас е добра сезона. Имаме добар состав со одлични момци, хемијата полека се создава и верувам дека со напорна работа и максимална борба ќе успееме да го оствариме тоа што од нас се бара – да ја задржиме двојната круна во Аеродром. Нема да биде лесно, противниците исклучително се засилија летово, но на нас е да го оставиме срцето на теренот и да им покажеме на навивачите дека заслужуваме да го носиме овој дрес“, изјави Рикиќ.

Хрватскиот интернационалец роден во БиХ кариерата ја почна во Загреб, а досега има играно за Широки, Будуќност, Игокеа, Сплит и УСК Праха. Досега има освоено шампионски титули во Црна Гора и во БиХ, како и четири победи во босанскиот куп, а две во најмасовното црногорско натпреварување