Со странците и со млади сили викендов на турнир во Лесковац!

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром викендов ќе учествува на меѓународниот турнир во Лесковац, каде што ќе настапиме со комбиниран состав во кој главната улога ќе ја имаат новите странски засилувања и младите сили од кои очекуваме многу во новата сезона.
Рехабилитацијата од повредите се причина поради која во соседна Србија нема да патуваат капитенот Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Кристијан Николов и Дамјан Робев, кои ќе останат во Скопје за да ги одработуваат потребните терапии за што побрзо да се вратат во тимот. Тоа значи дека тренерот Дарко Радуловиќ од поискусните на располагање ќе ги има Бојан Крстевски, Хуан Дејвис, Дастин Вер и Роберт Рикиќ, како и 19-годишните Андреј Андоновски, Дарио Митевски, 18-годишните Димитар Иванов и Марко Спасовски и нашата голема перспектива, 15-годишниот Бојан Величковски.
Во утрешното полуфинале, сино-белите ќе ги одмерат силите против домашниот тим на Здравље (17 часот), додека во втората полуфинална пресметка ќе се сретнат Борац Чачак и Вршац. Задутре, пак, се играат средбите за пласман и тоа победниците за првото место на турнирот, а поразените за третата позиција.