Конечно ги дознавме ривалите за новата сезона во АБА2!

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром сезонава, покрај двете домашни натпреварувања, ќе настапува и во АБА2-лигата, каде што денеска беа објавени имињата на најголем дел од учесниците, меѓу кои се добро познати имиња од последните две сезони.

Единствен новитет е составот на Војводина, против кој досега не сме играле, додека втор српски претставник е Младост Земун, против кого биевме тешка четвртфинална битка во плејофот во минатиот шампионат. Црногорската кошарка ќе биде најзастапена и тоа со Ловќен, Сутјеска и Подгорица, Хрватска ќе има претставник само во Горица, додека останатите места ќе ги пополнат Рогашка, Хелиос (Словенија), Спарс, Борац Бања Лука (БиХ) и ривалот од домашното првенство, Пелистер како втор тим од Македонија. Останатите две места дополнително ќе бидат пополнети и тоа со екипи што ќе добијат вајлд-карта.

Засега нема потврда на начинот на кој ќе се игра, но речиси е сигурно дека тоа ќе биде идентично како во минатиот шампионат, односно еднокружно на неколку турнири, по што осумте првопласирани ќе продолжат во плејофот. Новитет што се планира е доигрувањето да се игра класично, само еден меч па кој победи оди понатаму, наместо како минатата сезона со два натпревари и победник според вкупната кош-разлика.