Радуловиќ: Ние сме МЗТ Скопје, никогаш не бегаме од улогата фаворит!

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром претстојниов викенд (18-20 февруари), во салата СРЦ „Кале“, ќе настапи на завршниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, кој ќе го почне со петочната четвртфинална пресметка против Гостивар (14.30 часот).

Нашиот тим го брани трофејот освоен лани на истото место, а тренерот Дарко Радуловиќ е оптимист пред новиот предизвик кој е пред него и неговите избраници.

„Колку и да звучи клише, Купот е натпреварување кое е наинтересно, зашто е неизвесен и секој може да дојде до трофејот. Еден меч решава дали одите понатаму. Може некој ќе нема свој ден, може некој ќе одигра подобро од можностите, па затоа оваа завршница е најинтересна. Ние сме фокусирани единствено на Гостивар, знаеме дека располагаат со екипа која е спој на младост и искуство. Играат квалитетна кошарка, се работи за типично шутерска екипа со транзиција. Мора да ги спречиме тие работи и да играме мобилна кошарка ако сакаме да се најдеме во следната рунда. А, од фаворитската улога не бегаме, зашто ние сме МЗТ“, изјави Радуловиќ.

Слични се размислувањата и на нашиот тренер, Дамјан Стојановски.

„Купот е специфично натпреварување во кое не секогаш победува фаворитот. Играме против Гостивар, знаеме дека станува збор за квалитетна екипа. Ќе мора пристапот да ни биде сериозен, да дадеме сѐ од себе и на крајот се надевам дека ние ќе бидеме тие што ќе извојуваме победа“, изјави Дамјан Стојановски.

МЗТ Скопје Аеродром викендов ќе проба да дојде до 11. трофеј, со кој би се осамиле на врвот на вечната листа победници во Купот на Македонија, на која во моментов сме изедначени со по десет со најголемиот ривал од „Градски парк“. Влезот во салата е слободен, но со билети, кои ќе бидат делени пред СЦ „Кале“, секако со запазување на безбедносните мерки односно поседување сертификат за вакцинација или прележаност на Ковид-19 во последните 45 дена.

ЗАВРШНИЦА НА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА (18-20 ФЕВРУАРИ)

ЧЕТВРТФИНАЛЕ (ПЕТОК)

(1) Пелистер – ТФТ 12 ч.

(2) МЗТ Скопје – Гостивар 14.30 ч.

(3) Работнички – Феникс 17 ч.

(4) Академија ФМП – Еуро Никел 19.30 ч.

ПОЛУФИНАЛЕ (САБОТА)

(5) Победник 1 – Победник 4 17 ч.

(6) Победник 2 – Победник 3 19.30 ч.

ФИНАЛЕ (НЕДЕЛА)

Победник 5 – Победник 6