Десет кошаркари од двата тима на МЗТ Скопје во игра за дресот на Македонија!

Уште една потврда дека во нашите две прволигашки екипи, а со тоа и во младинската школа на клубот, се работи квалитетно и систематски дојде со денешната објава на поширокиот список на македонскиот селектор Драган Бајиќ за претстојниот двомеч со Грузија на кој речиси половина од кошаркарите се од сино-белиот табор.

Седум играчи од МЗТ Скопје Аеродром и тројца од МЗТ Скопје УНИ Банка се меѓу кандидатите на кои смета предводникот на жолто-црвените, што само потврдува дека најдоброто во и од Македонија игра во нашите два клуба. Дамјан и Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Кристијан Николов, Адем Мекиќ и Дамјан Робев не само што се на списокот, туку уште од сега може да се каже дека ќе бидат на паркетот на средбите во Тбилиси и Скопје кон крајот на месецот. Од таборот на првакот во конкуренција е и Дарио Митевски, но само ако здравјето го послужи, со оглед што ги пропушти последните неколку средби поради помал медицински проблем.

Како шлаг на тортата е и изборот на Виктор Исајлоски, Максим Митевски и Андреј Андоноски од нашиот втор тим, како доказ дека во Аеродром сериозно се размислува за иднината и за наоѓање адекватни замени за сегашните носители на играта во најдобриот состав. Самото вклучување на списокот што се испраќа во ФИБА е комплимент за оваа тројка, а евентуалниот повик за појавување на подготовки ќе биде круна на нивната напорна работа досега и тоа не само сезонава, туку и годините претходно.
Првиот собир на репрезентацијата,кога ќе се знае и „потесниот“ список кошаркари на кои ќе смета Бајиќ, е закажан за почетокот на следната недела, по завршување на пресметките од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ (18-20 февруари).