Радуловиќ: Ќе извлечеме поука и против Феникс ќе бидеме уште подобри!

Победата над Гостивар (87-85) и пласманот во полуфиналето од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ донесе радост, но и делумна грижа на лицето на тренерот Дарко Радуловиќ, со оглед на неколкуте пресврти во текот на средбата и резултатското приближување на противникот на самиот крај.

Тој потенцира дека во второто полувреме неговиот тим одиграл добра одбрана, но и дека треба да се извлечат поуки од овој натпревар.

„Мора да извадиме поука од овој меч, во кој во второто полувреме одигравме одлично во одбраната. Кога поведовме со десет поени разлика, играчите се опуштија, но иако пред себе имавме шутерска екипа, која ни даде 16 тројки, успеавме да славиме. Добро е што и на таков процент на погодени тројки на противникот, ние се радуваме на крајот. Ова беше прв натпревар и се почувствува тој грч кај кошаркарите, но мислам дека веќе на следниот дуел ќе бидеме уште подобри. Мора да корегираме некои работи во одбраната, зашто и полуфиналниот ривал Феникс игра идентично како и Гостивар“, вели Радуловиќ.

Дуелот против Феникс ќе го одиграме утре во 19.30 часот во салата СРЦ „Кале“, каде што влезот ќе биде слободен.