Лесна победа над Феникс за 15. финале во Купот на Македонија!

Сигурна и убедлива победа над Феникс (76-66) за пласман во утрешното, за нашиот клуб, петнаесетото финале во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, во кое ќе го бркаме 11. трофеј за влез во историјата како најтрофејни во ова натпреварување.

Триумф чист како солза, своевиден реванш за поразот од истиот противник во првенството и петта победа во низа во сите натпреварувања. Уште на крајот на првата четвртина дојдовме до двоцифрено водство (27-17), набрзо потоа ги имавме и највисоките плус 17 (38-21), со што ги урнавме сите надежи на ривалот за евентуален успех.

Војдан Стојановски беше најефикасен со 17 поени, неговиот брат Дамјан постигна 15 поени, а Морис Кари беше стрелец на 10 поени. Роберт Рикиќ средбата ја заврши со осум поени, но и со 11 скока од кои пет беа во напад. Мора да се напомене и дека игравме без Адем Мекиќ, кој на вчерашната средба со Гостивар го повреди скочниот зглоб.

Наш последен ривал на патот кон историјата ќе биде тимот на ТФТ, со кого ќе ги одмериме силите во утрешното финале во СРЦ „Кале“ со почеток во 19.30 часот.