Радуловиќ: Добро е што победивме, но мора да намалиме со загубените топки!

Нашите момци вторпат по ред одиграа инфаркт-меч на турнирот од АБА2 во Бања Лука, овој пат со победнички крај во синоќешниот дуел против Подгорица (76-75) и тоа со кошот на Адем Мекиќ на секунда до крајот.

Но и покрај триумфот, тренерот Дарко Радуловиќ реално ги гледа работите, особено во делот на пропустите кои ги направија неговите избраници. Тој потенцира дека тоа што им побегна пред два дена против Сутјеска, кога загубија добиен натпревар, им се вратило овој пат.

„Ова ни е втор инфаркт што го преживуваме во Бања Лука, овој барем беше со среќен крај за нас. Пред два дена, реално, повеќе заслуживме да победиме од вечерва, но најважно е што победивме. Имаме проблем со загубени топки, на два меча ‘продадовме’ 42 напади, што е недозволиво за шампионски тим. Не го затворивме скокот најдобро, особено Сејфиќ, кого не го запревме како што сакавме. Добро е што победивме, бидејќи среќата се сврти, се поклопија многу работи за да славиме откако несреќно загубивме од Сутјеска“, изјави Радуловиќ по синоќешната средба.

Пред МЗТ Скопје е уште една средба на турнирот во Бања Лука и тоа в сабота против Војводина (11 часот).