Победа над Војводина како по мерка – со сигурна игра и без драматичен финиш!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со сигурна игра дојдоа до осмата победа во десеттиот меч сезонава во АБА2-лигата, откако во денешното матине ја совладаа Војводина со 83-75.

Ова беше триумф по мерка, без драма и инфаркт-завршница, какви што видовме на претодните две наши средби во Бања Лука против Сутјеска и Подгорица. Освен во првите пет минути, во кои противникот погоди неколку тројки и дојде до двоцифрена предност (5-15), во останатиот дел од мечот ја контролиравме играта и резултатот. Негативата ја анулиравме уште до крајот на воведниот дел од средбата, за потоа постепено да ја зголемуваме разликата до највисоки 72-55. Оваа предност ни донесе мирен финиш, во кој имавме адекватен одговор на секој напад на противникот.

Роберт Рикиќ со 18 поени и шест скока беше најефикасен во нашиот тим, Немања Милошевиќ и Војдан Стојановски постигнаа по 15 поени со 14 односно седум скока, додека Адем Мекиќ застана на 10 поени. Мал проблем ни е повредата на Бојан Крстевски по еден незгоден пад, поради што одигра само пет минути, но се надеваме дека не станува збор за ништо посериозно.

Составот од Аеродром веднаш по мечот тргнува назад кон Скопје, каде што ќе нема премногу време за одмор, со оглед што в понеделник ќе го одигра дуелот од 16. коло од Првата лига против братскиот тим МЗТ Скопје УНИ Банка.