Со двочекор го прескокнавме Кожув и први обезбедивме плејоф-полуфинале!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром први обезбедија пласман во полуфиналето од годинешниот плејоф, откако вечерва, со пеколна игра во последната четвртина, го совладаа домашниот Кожув (95-79) за конечни 2-0 во серијата.

Двата тима имаа свои моменти во првите три четвртини, во кои ниту една не обезбеди поопиплива разлика, но нашето поголемо искуство и пред се поголем квалитет дојде до израз кога беше најпотребно – во решавачкиот дел од мечот. Аеродромци прво со осум поени во низа направија резултатски пресврт во финишот од третиот и почетокот на последниот период (71-65), за потоа со серија 16-2 дојдоа до највисоки плус 17 (91-74) како потврда на триумфот.

Војдан Стојановски со 25 поени и Бојан Крстевски со 23 поени и осум скока беа најдобри кај сино-белата чета, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Дамјан Стојановски со 13 и Кеандре Кук со 12 поени. За одбележување е и настапот на Мајк Кефи, кој средбата ја заврши со девет поени и седум асистенции.

Наш противник во полуфиналето од плејофот ќе биде подобриот од дуелот помеѓу Гостивар и Работнички (1-0), во кој втората средба се игра утре. Таа серија би почнала следната среда.