Првиот чекор направен, ни остануваат уште два до прослава на „деветката“

Нашите момци го направија првиот од трите завршни чекори кон освојувањето на деветтата титула, откако вечерва, во одлична атмосфера во „Јане Сандански“, го совладаа Пелистер (91-76) во воведниот натпревар од финалната плејоф-серија.

Сино-белите првата поопиплива предност ја имаа кон крајот на првиот период (21-15), за во втората четвртина да дојдат и до плус девет (31-22). Клучна за победата, сепак, се покажа серијата 12-0 во третиот дел од мечот кога дојдовме до највисоките 18 поени предност (74-56), со што го скршивме отпорот на противникот. До крајот само рутинско ја одржавме позитивата за стартно водство во битката за шампионскиот трофеј. Војдан Стојановски и Немања Милошевиќ беа најефикасни во нашиот тим со по 17 поени, на кои додадоа седум асистенции односно осум скока. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Бре Ајви со 11 и Дамјан Стојановски со 10 поени.

Следниот меч од серијата се игра в недела (5 јуни) во Битола, додека третата средба, која теоретски е и нашата прва можност за деветто славје, е закажана за во вторник (7 јуни) повторно во „Јане Сандански“.