Против ТФТ го „ловиме“ првиот трофеј во новата сезона!

Зарем има поубав начин да се почне новата сезона од освојување на победничкиот пехар во Суперкупот „Драган Василов-Цевка“, за што ќе ни треба победа во утрешната пресметка против ТФТ (19.30 часот) во СРЦ „Кале“.

Нашите момци го бранат трофејот со победата во минато годишното издание од ова воведно домашно натпреварување, кое од лани го носи името на прославениот тренер, кој дел од својата кариера мина и во нашиот клуб. На новиот сино-бел состав е да покаже дека добро се работело во подготвителниот период и да потврди дека не биле случајни четирите победи во петте одиграни меча.

Во тимот ќе ги нема повредените Адем Мекиќ и Еван Максвел, додека останатите се максимално мотивирани да дадат сѐ од себе и да покажат дека со право им е дадена доверба да го облечат светиот сино-бел дрес на МЗТ Скопје Аеродром. Од утрешниот натпревар предвиден е директен пренос на МТВ-3, а влезот во салата е – СЛОБОДЕН.