Со моќна прва четвртина до петти трофеј во Суперкупот!

Момците во сино-бела опрема сезоната ја почнаа со трофеј, откако во вечерашниот Суперкуп „Драган Василов-Цевка“ надмоќно го совладаа ТФТ (100-82) со што го одбранија пехарот освоен лани на истото место во СРЦ „Кале“.

Моќната игра во првата четвртина, која ја добивме со 29-14, ни овозможи порелаксирана игра во продолжението, иако мора да се нагласи дека противникот даде максимален отпор и се бореше буквално до последниот атом енергија. Во првото полувреме имавме највисоки плус 18 (40-22), додека во второто дојдовме и до предност од 21 поен (69-48), за да по малиот налет на ривалот во финишот работите да ги доведеме на своето место.

Страхиња Миќовиќ беше најефикасен со 27 поени, а двоцифрен поентерски ефект имаа уште Мајк Кафи и Дамјан Стојановски со по 18 и Војдан Стојановски со 11 поени. За одбележување е и фантастичната организација на играта на Андреј Магдевски, кој на шесте поени додаде дури 12 асистенции, а повеќе од солиден беше и Бојан Крстевски со осум поени и шест скока.

Овој меч, воедно, беше предигра за стартот на сезоната во АБА-лигата, каде што веќе в сабота ќе му гостуваме на актуелниот победник во ова натпреварување, белградска Црвена Звезда.