Преку ФМП до осма победа по ред во Првата лига!

Осма победа по ред во Првата лига и тоа на домашен терен против Академија ФМП (79-72), за потврда на првото место на табелата по првиот дел од првенството и тоа со скор 10-1, кој ни ја носи и стартната позиција број еден пред завршницата од Купот на Македонија.

Победата, сепак, има горчлив вкус поради повредата на скочниот зглоб на Дамјан Стојановски во финишот, за која повеќе ќе се знае по деталните лекарски прегледи. До турнирот од АБА2-лигата има уште речиси две недели, поради што се надеваме дека нашиот капитен ќе успее да се опорави на време бидејќи МЗТ едноставно не е истиот тим со и без Дамјан во составот.

Војдан Стојановски со 21 поен и со едно промашување од поле (3/4 за тројка, 3/3 за двојка, 6/6 од слободни) беше лидер во нашиот тим, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Марко Баковиќ со 15 поени, Ејасу Ворку со 13 поени и Душан Танасковиќ со 12 поени и 10 скока.

Наш следен противник е екипата на Кожув, меч закажан за следната среда исто така во „Јане Сандански“, што ќе ни биде последна контрола пред пресметките со Подгорица и Спартак Суботица на турнирот во Широки Брег (БиХ).