Доктор Војдан му jа донесе четвртата победа на МЗТ во АБА2!

Кошаркарите на МЗТ Скопје со победа го почнаа настапот на третиот турнир од АБА2 сезонава, откако попладнево во Широки Брег ја совладаа екипата на Подгорица (78-74).

Ова беше четврта победа во шестиот меч за „металците“ во регионалното натпреварување, со која направија голем исчекор кон пласман во посакуваниот плејоф каде што ќе се најдат најдобрите осум тима. Аеродромци заслужено дојдоа до триумф, иако на крајот непотребно си ја закомплицираа ситуацијата. МЗТ Скопје клучната предност ја обезбеди со серија 14-1 во финишот од втората четвртина по која дојдоа до првата двоцифрена разлика (39-29) со која заминаа на одмор.

Набрзо во третиот период дојдоа и до највисоките плус 14 (52-38), по што противникот заигра зонска одбрана. Предност почна нагло да се намалува, а нашиот ривал пред крајот дури дојде и до изедначување (68-68), но тогаш Војдан Стојановски постигна пет поени во низа и стави крај на сите надежи на Подгорица за некаков целосен пресврт.

Тој воедно беше херој во триумфот на македонскиот шампион, откако средбата ја заврши со 24 поени и шест асистенции. Веднаш зад него беa Душан Танасковиќ со 20 поени и 12 скока и Седрик Расел со 16 поени, додека Марко Баковиќ имаше учинок од осум поени и 11 скока.

Нашиот следен дуел е задутре против Спартак Суботица.