Петта по ред победа во дуелите со Работнички!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром петти пат по ред го совладаа Работнички (91-87), со што ја продолжија доминацијата во пресметките со вечниот ривал.
Тоа беше вистински празник на кошарката, како на теренот така и на трибините на кои имаше скоро 3.000 гледачи, како потсетување на некои поромантични времиња на играта со портокаловата топка кај нас.

Нашите момци заслужено триумфираа, со оглед што ја имаа предноста речиси во целиот меч. Го имавме водството речиси во сите 40 минути и во ниту еден момент не му дозволивме на противникот воопшто да размислува за евентуален пресврт.
Јунак во сино-белиот табор беше Војдан Стојановски со 26 поени, пет скока и четири асистенции, додека зад него беа Дастин Вер и Абдул-Малик Абу со по 13 поени. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Дамјан Стојановски со 12 поени, Страхиња Миќовиќ со 11 и Бојан Крстевски со 10 поени.
МЗТ Скопје останува лидер во Првата лига со скор 11-2, пред следниот меч во АБА-лигата, в петок на гости кај Морнар.