Пораз од Златибор во драматичен меч со едно продолжение!

Пораз од Златибор (85-90) во, за нас, вториот меч на последниот турнир од регуларниот дел од сезоната во АБА2, кој се одржува во Широки брег и тоа по голема борба и по едно продолжение.

Попладнево го имавме водството во поголемиот дел од средбата, во неколку наврати и со двоцифрена разлика, а во третиот период имавме и највисоки плус 13 (54-41). Но и покрај тоа на крајот моравме да играме дополнителни пет минути во кои противникот погоди неколку тешки тројки и победи. Во екстра-периодот принудно одигравме без претходно „исклучениот“ Војдан Стојановски и без Дамјан Стојановски, кој се повреди при последниот шут за изедначување.

Американецот Џон Гилон со 25 поени, девет асистенции и пет скока беше најдобар кај МЗТ Скопје, додека зад него беше Харис Делалиќ со 21 поен и девет скока. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Дамјан Стојановски и Душан Танасоковиќ со по 14 поени. Нашиот тим сега има скор 8-4 и е на четвртата позиција на табелата пред дуелот од последното коло закажан за в недела против домаќинот Широки (18 часот).