Доминантна игра и моќна победа за и теоретски пласман во плејофот во АБА2!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром на две кола пред крајот на регуларниот дел од сезоната и теоретски обезбедија пласман во плејофот во АБА2-лигата, откако вечерва без поголеми проблеми го добија македонското дерби против ТФТ (95-69).

Нашите момци беа апсолутно подобар противник на средбата одиграна на турнирот во Широки Брег, во која триумфот го најавија уште на самиот старт кога со 11 поени во серија дојдоа до првото двоцифрено водство (13-3). Набрзо потоа дојдоа и до плус 14 (26-12), во неколку наврати во второто полувреме имаа плус 20, а највисоката предност изнесуваше 24 поени (81-57), како доказ за огромната доминација на паркетот.

Марко Баковиќ со 22 поени и осум скока беше најдобар кај „металците“, а веднаш зад него со учинок беше Харис Делалиќ со 18 поени. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Душан Танасковиќ со 13 поени и седум скока, Војдан Стојановски со 11 поени, шест скока и шет асистенции и Џон Гилон со 10 поени и седум асистенции.

МЗТ Скопје Аеродром сега има скор 8-3 со што на крајот од 11. коло најлошо што може да биде пласиран е на третата позиција на табелата. Во следната рунда, македонскиот првак в петок ќе ги одмери силите со екипата на Златибор (15 часот), директен ривал за највисок пласман.