Пораз од Златибор кој не боли, но кој – опоменува!

Пораз од Златибор (84-88) во денешниот последен меч од регуларниот дел од НЛБ АБА2 лигата кој не боли, но кој и тоа како опоменува во пресрет на плејофот за пласман во јадранската елита, кој од 13 до 17 април ќе се одржи во Скопје.

Ова беше средба без резултатско значење за нашиот тим, со оглед што веќе ја имавме обезбедено првата стартна позиција, во која противникот извонредно шутираше во првото полувреме и во кое неочекувано дојде до плус 20 (36-16). Нашите момци потоа заиграа многу подобро, направија и целосен резултатски пресврт, но во финишот немаа среќа бидејќи една ситуација можеби престрого беше проценета како неспортска грешка, поради што влеговме во пенал-завршница од која противникот излезе како победник.

Адем Мекиќ блескаше со 19 поени и 11 скока, Немања Милошевиќ постигна 17 поени, додека Хуан Дејвис застана на 15, а Кристијан Николов на 11 поени. Средбата ја одигравме без Војдан Стојановски, кој доби можност за рехабилитација по напорниот период, а во најголем дел и без Бојан Крстевски, кој го повреди прстот на раката.

Прв противник во плејофот за нашиот тим ќе биде поразениот од вечерашниот дуел помеѓу Младост Земун и Сутјеска, а во евентуалното полуфинале би се сретнале со подобриот од четвртфиналниот дуел помеѓу Широки Бријег и Спарс.