Со спектакуларен пресврт до прво место пред плејофот во АБА2!

Победен најголемиот ривал, првото место по регуларниот дел од НЛБ АБА2 лигата предвреме обезбедено. Нашите момци одиграа фантастична последна четвртина, во која, заедно со финишот од претходниот период, со серија 25-5 дојдоа до огромен пресврт и до голем триумф над Борац Бања Лука (80-73).

МЗТ сега има скор 10-2 и без разлика на резултатот од последниот дуел в недела ќе ја има првата стартна позиција пред плејофот во Скопје (13-17 април), поради подобриот скор во меѓусебните средби со ривалите што можат да го загрозат – Борац БЛ и Хелиос. Лошиот старт на второто полувреме, по кој му дозволивме на противникот на дојде и до плус 17 (35-52) беше анулиран со фантастична одбрана и смирен напад, за голема победа против неприкосновениот лидер од стартот на сезоната.

Војдан Стојановски ја одигра најдобрата партија по облекувањето на плаво-белиот дрес со 25 поени и шест асистенции, Роберт Рикиќ беше веднаш зад него со 17 поени и шест скока, а двоцифрен ефект имаше и Адем Мекиќ со 11 поени.
Последниот меч на турнирот во Широки Брег го играме задутре против Златибор (15 часот), во кој ќе немаме резултатски императив со оглед на обезбеденото прво место на табелата, првпат од играњето во НЛБ АБА2 лигата.