Пораз на гостувањето кај Задар

Пораз на гостувањето кај Задар (79-98) во меч од 11. коло од АБА-лигата во кој домаќинот одигра одлично во нападот, предводен од статистички најдобриот кошаркар во регионалното натпреварување сезонава, Лука Божиќ.
Хрватскиот тим одигра речиси перфектно, особено во офанзивата, што по само неколку минути им донесе двоцифрена предност (15-5), a кон средината на вториот период веќе имаа плус 20 (42-22). Светла точка во нашата игра беше стартот на третата четвртина, кога со серија 10-2 намаливме на минус 14 (45-59), но противникот продолжи со перфектната вечер и набрзо потоа го спречи нашиот налет.

Страхиња Миќовиќ со 22 поени и Војдан Стојановски со 18 поени беа најпрецизни кај МЗТ, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште Александар Бурсаќ со 12 и Дамјан Стојановски со 11 поени. Феноменалниот Лука Божиќ со 27 поени, 10 скока и седум асистенции беше убедливо најдобар кај Задар.
Екипата утре се враќа дома по што ќе следи анализа на вечерашниот натпревар и обиде да се исправат грешките во пресрет на следниот јадрански дуел и тоа в четврток на домашен терен против Сплит. Во меѓувреме, в понеделник, како домаќини ќе ги одмериме силите против Феникс (18 часот), средба од 11. коло од македонската Прва лига.