Пораз на гостувањето кај уште еден тим од „големата четворка“ на Јадранот

Уште еден пораз во пресметките со тимовите од „големата четворка“ на Јадранот, овој пат на гостувањето кај Цедевита Олимпија (73-93). Крајниот резултат можеби не дава најдобра слика на односот на силите на теренот, со оглед што нашите момци беа повеќе од рамноправен противник скоро цело прво полувреме.

Почнавме со водство 7-2, а потоа до пред заминувањето на одмор постојано одржувавме резултатска неизвесност и со добра игра го „нервиравме“ големиот фаворит. Словенците со серија тројки во финишот од вториот и почетокот на третиот период направија серија 18-3, со која сериозно се одлепија (55-39), за набрзо подоцна да ги имаат и највисоките плус 20 (66-46). Плаво-белите до крајот се бореа машки, неколку пати се приближија и на еден напад до едноцифрена негатива, но домашниот тим секој пат успеваше да се извади со некој проектил од голема далечина.

Страхиња Миќовиќ со 25 поени и седум скока беше вистински лидер во нашиот тим, додека двоцифрен поентерски учинок имаа уште и Војдан Стојановски со 11 и Бре Ајви со 10 поени, додека тука некаде беше и Дамјан Стојановски со осум поени. Наш следен противник е тимот на Морнар, средба која ќе се одигра в петок (4 ноември) во салата „Јане Сандански“.