Без проблеми до победа над Работнички во СРЦ „Кале“!

Лесна и убедлива победа на плаво-белите момци во вечерашното вечно дерби кај Работнички (47-66), во меч од 3. коло во Првата лига во кој четврти пат по ред го преслушавме вечниот ривал.

Со оглед на големата разлика во квалитет на наша страна, единствена дилема на натпреварот беше конечната разлика, која можеше да биде и поголема ако не го контролиравме ритамот со цел да сочуваме сили. Тренерот Александар Петровиќ умешно ја распредели минутажата, со цел никој да не се премори пред саботната обврска во АБА. Одмор добија Миќовиќ и Максвел, а радува враќањето во тимот на Адем Мекиќ, првпат во новата сезона.

Бре Ајви со 16 поени и шест скока и Бојан Крстевски со 14 поени и шест скока беа најпрецизни во нашиот тим, а зад нив беа Војдан Стојановски со 11 поени и осум скока и Андреј Магдевски со осум поени, пет скока и четири асистенции.

Нашите кошаркари веќе утре заминуваат на пат кон Љубљана, каде што в сабота ќе ги одмерат силите со Цедевита Олимпија. Два дена подоцна (понеделник) ќе го одиграме дуелот од 4. коло од Првата лига дома против Навико Академија ФМП.