Дастин Вер на местото на Бре Ајви во сино-белиот дрес!

Американецот Дастин Вер (32 год, 183 см) сезонава ќе ја доигра во сино-белиот дрес на МЗТ Скопје Аеродром, што за него е враќање во добро позната средина во која настапуваше до пред крајот на јануари оваа година.

Плејмејкерот денеска потпиша нов договор со нашиот тим за да го доврши тоа што го почна минатата сезона, кога беше еден од најдобрите во нашиот тим со што го привлече вниманието на побогатите екипи од посилните првенства. Тој се пресели во француски Шалон Ремс, каде што ја доигра сезоната, а потоа настапуваше за екипи од Венецуела и од Литванија.

Искусниот Вер доаѓа на местото на Бре Ајви, кој по само неколкуте добри партии во низа доби побогати понуди кои му го нарушија фокусот и посветеноста кон нашиот тим, па изрази желба по секоја цена да си замине. Како и повеќе пати претходно, не сакавме во своите редови да имаме незадоволен кошаркар кој нема да го дава својот максимум, поради што му излеговме во пресрет.

Со вчерашниот пораз на домашен терен против Борац Чачак направивме чекор назад во битката за продолжување на елитниот јадрански статус, но далеку од тоа дека борбата е завршена. Пред нас се уште многу средби на кои ќе треба да ја покажеме решителноста за останување во друштво со најдобрите во регионот. АБА е натпреварување во кое едноставно нема лесни ривали и кое сигурно е меѓу најквалитетните на Стариот континент, што автоматски значи и привилегија и чест само да се биде дел од него.