Победнички крај на регуларниот дел од првенството!
МЗТ Скопје Аеродром со триумф ја затвори Топ 6 фазата од домашното првенство, откако на гостувањето кај Маџари славеше со 94-81 во натпревар од последното коло од регуларниот дел на сезоната.
„Сино-белите“ одиграа сигурен натпревар и во најголем дел од средбата ја контролираа играта и резултатот, не дозволувајќи му на домаќинот сериозно да ја загрози нивната предност. Со добро издание на двете страни од теренот, аеродромци успеаја да го приведат мечот во мирна завршница и да ја запишат победата со која на најдобар можен начин го завршија лигашкиот дел од шампионатот.
Најрасположен во редовите на МЗТ Скопје беше Мек Смит, кој блескаше со дабл-дабл учинок од 23 поени и 12 асистенции, на кои додаде и пет украдени топки. Одлична партија прикажа и Марин Петков со 21 поен и седум асистенции, додека Чарлс Гил беше еден од клучните фактори под кошевите со 19 поени и шест скока.
Со оваа победа, МЗТ Скопје го затвора регуларниот дел од сезоната и целосно се насочува кон најважниот дел од првенството – плејофот.
Полуфиналната серија започнува веќе в среда, кога во салата „Јане Сандански“ ќе гостува Пелистер. Серијата се игра до две победи, а аеродромци ќе имаат можност пред своите навивачи да го направат првиот чекор кон ново финале и продолжување на битката за шампионската титула.