Директорот Ѓоревски во Бања Лука на состанок со челниците на АБА!

Новиот извршен директор на МЗТ Скопје Аеродром, Филип Ѓоревски, изминатава недела беше во Бања Лука, каде што освен што им даваше поддршка на нашите момци на средбите од четвртиот турнир од АБА2, одржа и состанок со предводниците на регионалното натпреварување.
Тоа пред сè се однесува на средбата со Милија Војиновиќ, спортскиот директор на АБА, кој исто така беше во босанскиот град и во живо ги следеше дуелите, меѓу кои беше и нашиот денешен против Војводина. Ѓоревски со првиот оперативец на регионалното натпреварување разговараше за подобрување на соработката, односно за нејзиното подигнување на уште повисоко ниво.
„Со господинот Војиновиќ разговаравме за сите аспекти во кои нашиот клуб би можел да соработува со АБА-лигата и изразивме желба комуникацијата и контактите да бидат кренати на повисоко ниво. Посебно место на нашиот состанок имаше нашата пријава за организација на завршниот турнир од АБА2, при што му ги презентирав на спортскиот директор нашите капацитети и можности. Верувам дека со ова само ќе ја потврдиме сериозноста на МЗТ Скопје Аеродром во очите на луѓето кои ја предводат АБА, а со тоа ќе покажеме дека сме подготвени да го дадеме максимумот за да си го оствариме сонот, а тоа е да се вратиме во јадранската елита, каде што повторно би имале пресметки со регионалните гиганти како Партизан, Црвена звезда, Будуќност, Олимпија Цедевита…“, вели директорот Ѓоревски.
Нашиот клуб денеска ја совлада Војводина (83-75) и последниот турнир, кој кон крајот на март ќе се одржи во Широки, ќе го пречека најмалку како второпласиран, во зависност од резултатот на вечерашната пресметка на нашиот најголем конкурент за врвот, Борац Бања Лука против екипата на Ловќен (19 часот).