Сино-белите лесно ја решија енигмата наречена ТФТ!

Сигурна и убедлива победа во вечерашниот меч на домашен терен против ТФТ (104-81) со која повторно се изедначивме со Пелистер на врвот од табелата во Суперлигата со идентичен учинок 24-4.
Нашите момци веднаш му дадоа до знаење на противникот дека нема што да бара во „Јане Сандански“, па средбата ја почнаа со седум поени во низа, а до првото двоцифрено водство дојдоа по само пет минути од мечот (15-4). Тоа беше знак дека бодовите сигурно ќе останат во Аеродром, со оглед што во продолжение од средба само ја зголемувавме позитивата. Триумфот во ниту еден момент не беше загрозен, поради што тренерот Александар Петровиќ имаше можност да ја распредели минутажата на што поголем број кошаркари, со цел ниту еден од нив да не е премногу оптоварен.

Роберт Рикиќ со 21 поен и седум скока и Немања Милошевиќ со 18 поени за исто толку минути беа најпрецизните во сино-белиот табор. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Бре Ајви со 14 поени и по четири скока и асистенции, Хуан Дејвис со 12 и Бојан Крстевски со 10 поени.
Во неделата што е пред нас, прво ќе му гостуваме на Еуро Никел (среда или четврток), а потоа ќе го пречекаме Феникс (сабота или недела).