Пеколна трета четвртина за сигурна победа над ТФТ!

Делумен реванш за неуспехот во финалето од Купот на Македонија остварија нашите момци во вечерашниот меч на домашен терен против ТФТ (93-87), во кој дојдоа до осмата по ред победа во Првата лига и го продолжија притисокот врз Пелистер во трката за првото место.

Триумфот беше обезбеден во второто полувреме, во кое прво во третата четвртина со серија 17-3 дојдовме до убедливи 72-58, за на стартот на последниот период да зголемиме и на плус 18 (81-63), со што целосно го откажавме противникот од надежта за освојување на Аеродром. Браќата Војдан и Дамјан Стојановски одиграа одличен меч со 21 (пет тројки) односно 17 поени, а фантастичен беше и Немања Милошевиќ со дабл-дабл ефект со 18 поени и 15 скока. На ниво на задачата беше и Кристијан Николов со 16 поени и шест асистенции, додека Роберт Рикиќ дополни со 11 поени и седум скока.
Ова беше последен меч од 20. прволигашко коло по кое сме втори со скор 17-3, односно со една победа помалку во однос на лидерот од Битола. Следниот меч го играме веќе в недела исто така на домашен терен против уште еден должник, тимот на Феникс, кој е еден од трите екипи кои нè совладаа сезонава во домашното првенство.