Половина од репрезентацијата на Македонија доаѓа од МЗТ Скопје Аеродром!

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Драган Бајиќ, денеска го објави поширокиот список на кој има 30 имиња поделени во перспективен и секиорски дел, а во кој доминираат кошаркари кои минатата сезона го носеа сино-белиот дрес на МЗТ Скопје Аеродром односно кои следната сезона ќе настапуваат за нашиот клуб.
Скоро половина од нив се од двата прволигашки тима од Аеродром, што и тоа како говори за нашта доминација, која не е само во делот на освоени титули туку и во создавањето и неговувањето на македонскиот играчки потенцијал. Меѓу талентираните, кои од 10 јули ќе се обидат да го импресионираат Бајиќ се наоѓаат Максим Митевски, Михаил Наумоски, Лука Савиќевиќ, Андреј Андоновски, Леонид Тодоровски и Лејсон Зекири, кои беа меѓу најзаслужните за опстанокот на МЗТ Скопје УНИ Банка, како и Димитар Иванов, кој настапуваше за нашиот најдобар тим и тоа добивајќи шанса не само на домашните средби туку и во натпреварите од АБА2-лигата.
Слична е и доминацијата во составот со кој новиот предводник на националниот тим ќе се обиде да дојде до позитивен резултат во претквалификациите за СП 2023, кои ќе се одржат во Скопје (12-18 август). Андреј Магдевски, Кристијан Николов, Бојан Крстевски и Адем Мекиќ се кошаркарите кои минатата сезона освоија двојна круна во сино-белиот дрес, како и нашата најнова аквизиција, Дамјан Робев.
Со сето ова, МЗТ Скопје Аеродром само потврди дека и тоа како е општествено-одговорен клуб, кој и досега и во иднина ќе им дава предност и шанса за развој на домашните кошаркари и ќе инвестира во нив, со оглед што тоа не е само во интерес на клубот туку и на македонската кошарка во целост.