Не мрда од Аеродром: Војдан уште две сезони ќе полни мрежички во дресот на МЗТ!

Управата на МЗТ Скопје Аеродром изминативе недели водеше жестока битка со повеќе реномирани европски екипи за услугите на Војдан Стојановски (34 год, 194 см) од која, на крајот, излезе како победник, со оглед што успеа да го убеди македонскиот репрезентативец да го продолжи договорот и во следните две сезони да остане лидер на нашиот клуб.

Ова значи дека дека сино-белите во новата сезона ќе бидат исклучително квалитетни во надворешната линија, каде што ќе биде заедно со својот брат-близнак Дамјан, со репрезентативните колеги Андреј Магдевски, Адем Мекиќ и Дамјан Робев и со американскиот двоец Мајк Кафи и Бре Ајви. Војдан имаше повеќе сериозни понуди надвор од државата, пред сѐ од Франција, но кај него победи желбата да се биде предводник на нашиот клуб во обидот да се врати реномето во најсилната лига во регионот и секако да се продоложи доминацијата на домашна сцена.

Војдан досега трипати беше најдобар кошаркар во Македонија (2009, 2011 и 2015 година), а во својата богата ризница има по две македонски круни и куп-трофеи, пехар од првенството на Украина и триумф во Купот на Германија.

Тој е единаесеттиот кошаркар со кој во моментов располага тренерот Александар Петровиќ, по Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Андреј Магдевски, Дамјан Робев, Андреј Андоноски, Американците Бре Ајви, Мајк Кафи и Еван Максвел, како и српскиот интернационалец Страхиња Миќовиќ. Тука се и талентираните Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.