Турчинот Јигитоглу останува во Аеродром, ќе игра за – првиот тим!

Големиот турски талент, Самет Јигитоглу (18 год, 216 см) и следната сезона ќе игра во сино-белиот дрес, откако доби „прекоманда“ од нашата втора екипа во најдобриот тим на МЗТ Скопје Аеродром, со кој потпиша договор за претстојната сезона.
Станува збор за класичен центар, кој минатото лето од Бешикташ дојде во МЗТ Скопје УНИ Банка, за кој во прволигашката конкуренција одигра 16 натпревари со просек од 10,3 поени и 8,5 скокови. Дека станува збор за еден од најталентираните кошаркари во својата генерација говори и фактот што лани беше дел од олстар-тимот на јуниорската Евролига, кој настапи на завршниот турнир од ова натпреварување.

Јигитоглу е дванаесетиот кошаркар кој тренерот Александар Петровиќ ќе го има на располагање за новата сезона, во која освен нападот на двојната домашна круна нѐ очекува и настап со најдобрите екипи од регионот во АБА-лигата. Тука се уште Американците Бре Ајви, Еван Максвел и Мајк Кафи, Србинот Страхиња Миќовиќ, како и македонските репрезентативци Дамјан и Војдан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Андреј Магдевски и Анреј Андоноски. Со првиот тим ќе работат и младинците Димитар Иванов, Марко Спасовски и Бојан Величковски.