Андреј Андоноски – аеродромското дете чии чекори водеа само кон МЗТ!

Топол аеродромски ден пред десетина години, кога МЗТ Скопје само што ја почна бербата трофеи, мал симпатичен буцко во маица со најпознатиот штрк на Јадранот позира пред графитот „Фамилија Аеродром“ на нашиот Хард.

Денеска, деценија подоцна, повторно е топол ден во Аеродром, графитот на Хард гордо стои нечепнат, но малиот буцко сега е момчиште од два метри, македонски сениорски репрезентативец, но пред сѐ е дете во слична маица со легендарниот штрк, кое пред само неколку дена си го исполни сонот – стана член на МЗТ Скопје.

Андреј, како аеродромско дете, како би го опишал денот кога си ја оствари желбата и стави потпис на договорот со нашиот клуб.

„Чувството беше извонредно! Уште од првите моменти кога почнав да тренирам, гледајќи ги тренинзите и средбите на МЗТ Скопје, во мене се создаде голема љубов – не само кон спортот, туку и кон самиот клуб. Растејќи низ улиците во Аеродром, ова ми беше сон, кој сега и ми се оствари.“

Доаѓаш во најдобрата македонска екипа, која ќе игра во АБА елитата. Кои се твоите очекувања од сезоната што е пред нас?

„Не сум човек што сака да си става притисок врз себе со одредени очекувања. Сакам да верувам дека на виделина ќе се појави резултатот од макотрпната работа и од сите часови поминати во сала. Но, сигурно е дека на секој тренинг и натпревар ќе го давам својот максимум!“

Пред МЗТ се дуели со многу квалитетни тимови, а тоа ти носи можност за пресметки со противници со искуство од Евролигата, па дури и од НБА. Чувствуваш ли трема, страв, возбуда?

„Ќе ми биде огромна чест и задоволство само што ќе го делам теренот со такви играчи, секако доколу добијам шанса за настап. Страв и трема сигурно нема да има, само огромна желба и поттик да се покажам во најдобро светло.“

Веста дека се приклучуваш на првиот тим аеродромци, но и останатите кошаркарски вљубеници ја проследија со нескриена радост. Чувствуваш ли дека нешто се менува во твојот живот?

„Многу ме израдува фактот што голем број на љубители на кошарката, особено аеродромци, позитивно го прифатија мојот ангажман во МЗТ Скопје! Но, да бидам искрен, не мислам дека има некоја голема промена во мојот живот. Без разлика што се случи, знам дека моите најблиски, како и досега, ќе продолжат да ми бидат најголема поддршка.“

Во нашиот втор тим играше во дресови со броевите 24 и 6. Која е твојата желба за првиот тим и ако ја имаш, има ли таа некое посебно значење?

„Бројот 24 го носев поради Коби Брајант, а бројот 6 прв пат го носев уште пред девет години поради Перо Антиќ, кој го носеше додека настапуваше во НБА. Би сакал да го задржам тој број, зашто низ тие неколку години додека го носев, многу пораснав и се издигнав како кошаркар.“

МЗТ, а со тоа и “Фемили“ со своите препознатливи кореографии, се вратија во АБА, па сезонава сигурно ќе се бара билет повеќе за во „Јане Сандански“. Која е твојата порака до навивачите?

„Поддршката од трибините е еден од клучните фактори за успешна екипа. Со враќањето на Фемили на трибините се врати и жарот кај кошаркарите на МЗТ. Се надевам дека трибините ќе бидат полни во претстојната сезона и дека МЗТ ќе се бодри и во добро и во лошо!“