Го освоивме и Пелистер за деветта победа по ред!

Победа и во последниот меч од суперлигашкиот дел од првенството и тоа ептен слатка – на гости кај најголемиот ривал за титулата, тимот на Пелистер (88-79), со што се изедначивме во меѓусебниот скор сезонава (2-2).
Нашите момци уште од самиот старт покажаа дека се дојдени по деветтата првенствена победа по ред, со оглед што по само неколку минути водеа со 8-1, а клучната серија ја направија кон крајот на првата и почетокот на втората четвртина кога со десет поени по ред дојдоа до 27-19. Пред крајот на полувремето првпат поведовме со двоцифрена предност (46-36), а во третиот период во неколку наврати имавме и плус 17 (63-46), со што на противникот му покажавме дека попусто се надева за некаков си успех против нашиот тим.
Војдан Стојановски со 16 поени пет скока беше најпрецизен кај сино-белата чета, Адем Мекиќ постигна 14 поени со седум скока, а двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Роберт Рикиќ и Бре Ајви со по 12 поени и Дамјан Стојановски со 10 поени.
Ова беше меч без резултатско значење, бидејќи веќе го имавме обезбедено првото место пред плејофот, но триумфот доаѓа одлично за самодовербата на нашиот тим на патот кон одбрана на титулата, кој го почнуваме со полуфинална серија против ТФТ, а која стартува в петок во „Јане Сандански“.