МЗТ Скопје и Аеродром домаќини на завршниот турнир од НЛБ АБА2!

Првата битка на патот кон влез во елитната јадранска конкуренција е добиена, откако челниците на ова натпреварување денеска на МЗТ Скопје Аеродром му ја доделија организацијата на завршниот турнир од НЛБ АБА2-лигата, кој од 13 до 17 април ќе се одржи во салата „Јане Сандански“.

Ова е голема обврска и чест за нашиот клуб, но истовремено и огромна шанса на домашен терен и со голема поддршка од трибините да се направи конечниот исчекор кон враќање меѓу најдобрите тимови во регионот. Аеродром и нашиот клуб ја добија пресметката со Сараево, кој исто така беше максимално заинтересиран и беше сериозен конкурент во битката за улогата домаќин на најдобрите осум тима во НЛБ АБА2-лигата.

Кои екипи ќе се појават на фајналејт-турнирот во Скопје ќе се знае кон крајот на месецов, по одигрување на последниот турнир од регуларниот дел од сезоната во босанскиот град Широки (21-27 март). МЗТ Скопје на овој „балон“ влегува како второпласиран на табелата со скор 8-2, а до крајот ќе ги одмери силите против Широки (22.03), Борац Бања Лука (25.03) и против Златибор (27.03).

Најдобрите осум на турнирот во „Јане Сандански“ ќе играат на еден меч (не на два како лани) по кој победникот оди понатаму, а поразениот си заминува дома. Крајниот победник директно ќе се пласира во Адмирал бет АБА-лигата, додека финалистот ќе игра бараж со претпоследниот во ова натпреварување.

Управата на МЗТ Скопје истовремено искажува огромна благодарност до челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), пред се до претседателот Перо Антиќ, за големата помош и вложениот труд нашата желба за организација на завршниот турнир да стане реланост. Без неговата и помошта на останатите во Куќата на кошарката, ваквиот позитивен развој на настаните на нашиот клуб немаше да биде возможен, па се надеваме дека плодната соработка со првите луѓе на макбаскетот ќе продолжи и во иднина. Сето тоа во интерес на МЗТ Скопје и на македонската кошарка во целост.