МЗТ е мојот докторат, мојата најважна животна – диплома!

Животот би си го поделил на два дела. До 2015 година е строго МЗТ и само МЗТ, до Железничка ми беше максимумот. За среќа, работните искуства ме носеа вон Аеродром, па малку од малку ги научив местата и не бев толку „затуцан“. Од 2015 година почнувам да патувам, да спијам по плажи, на душеци и на палуби. Почнувам да творам, да пишувам, од прашина и спомени да создавам нешто конкретно. Тој период работам и по десет часа, а навечер не спијам – нови моменти, нови разговори, мисли кои не смеат да ми побегнат, спомени кои мора да останат и да се запишат.
Биднаа две „книжулиња“, пројдоа како што пројдоа, Аеродром ме направи писател. Младите ме прашуваа(т) кога било ова, па кој лик е, кој псевдоним, а на Кеј што се случувало, а кога трета книга? Ги слушав сите и ги ценев сите коментари. Третата е почната да се пишува уште во 1966, само јас прво морам да пораснам, морам да внимавам за да ги задоволам сите, некого да не навредам, мора сите раскарани „крила и фракции“ да ги спојам, да седнам со сите на маса и да бидеме Фамилија.
Зашто МЗТ во Аеродром е религија која ги спојува сите религии. Раскарани помеѓу себе, а всушност сите се молат за една иста работа. Во јули 2020, веќе трета година монтирам видеа, растам и учам катадневно. Сценариото е подготвено. Ќе ја запишам „Историјата на Штркот“. Ми треба само екипата, мојата техничка поддршка. Арт-тим да одобрува без да праша и без да се сомнева во моите способности. Тино ми ги дава сите тренери на тацна со се адреси. Зоки, кога е МЗТ во прашање не иде ништо без Плавите, Мокров, Јорди, секаде позитивна енергија. Никој на светов не може да ми направи притисок колку што јас си правам сам на себе.
Понекогаш шетав, акав, орав низ Аеродром навечер да ми дојдат нови мисли и идеи. Шетајќи една вечер чув силно викање:
– А бе, каков документарец, на ништо не личи групава?!
– Алоо Џими е, заебал ли некогаш?
Пар моменти подоцна Ицо се огласи, да ме праша како оди:
– Ова ти е исто како докторат да спремаш.
Прав беше, јас останав без факултет, но ова ќе биде мојот докторат, ова ќе биде мојата диплома, луѓето веруваат во мене, не смеам да изневерам. Време беше уште посериозно да настапам, ќе биде ова темел на клубот, ќе биде ова поголемо од мене, ќе биде „Од Аеродром за Аеродром“.