Машки се боревме, но тесно загубивме од Будуќност!

Машки се боревме до последната секунда, но иако подобро шутиравме (49%-47%), скокавме (30-28) и асистиравме (17-11) од противникот, а ги погодивме и сите 18 удари од линијата за слободни фрлања, сепак, загубивме од Будуќност (86-90).
Тоа беше средба во која неколку пати се враќавме по голема позитива на противникот, која во еден момент беше изразена и со 19 поени (40-59). Но, фантастичната игра во последната четвртина, во која постигнавме дури 38 поени, ни донесе изедначување во два наврати (76-76, 78-78). Потоа немавме среќа, ниту свежина со оглед што игравме без повредениот Кеандре Кук и болните Страхиња Миќовиќ и Димитар Пандев, па противникот се протна низ „иглени уши“ и дојде до триумф.
Вечерва бевме сведоци на блескава партија на Абдул-Малик Абу со 19 поени и 11 скока, најефикасен беше Војдан Стојановски со 20 поени, а двоцифрени беа уште и Дастин Вер со 16, Дамјан Стојановски со 13 и Бојан Крстевски со 10 поени.
Следен регионален противник на МЗТ Скопје е вториот црногорски претставник Студентски центар, средба закажана за следната сабота во Подгорица.