Машка борба и тешка победа за поискусните во дуелот на МЗТ против МЗТ!

Машка борба од првиот до последниот момент помеѓу двете прволигашки екипи кои важат за гордост на Аеродром, во дуелот кој заврши со триумф на МЗТ Скопје Аеродром над МЗТ Скопје УНИ Банка (92-84). Двата тима ги посакуваа бодовите, а на крајот пресуди поголемото искуство на нашиот прв состав, кој дојде до 13. победа во 16. меч сезонава во Првата лига.

Заморот по напорните настапи во АБА2 и отсуството на браќата Дамјан и Војдан Стојановски беа видливи во таборот на шампионот, кој и покрај тоа дојде до посакуваниот триумф, а кој, секако, ќе ја зголеми самодовербата во пресрет на завршницата од Купот на Македонија. Роберт Рикиќ со 20 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје Аеродром, Немања Милошевиќ постигна 17 поени, Кристијан Николов додаде 16 поени и седум асистенции, додека Адем Мекиќ и Дамјан Робев реализираа по 14 поени со 10 односно шест скока. Ренсон со 21 и Југутоглу со 20 беа најефикасни кај МЗТ Скопје УНИ Банка.

Избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ следниот предизвик ќе го имаат в петок во куп-четвртфиналето против Гостивар (14.30 часот) во салата СРЦ „Кале“.