Магдевски повеќе не е кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром!

Во ростерот на МЗТ Скопје Аеродром во продолжение од сезоната ќе го нема Андреј Магдевски, со кого денеска е постигнат спогодбен раскин на договорот, кој беше со важност до 2024 година.

Плејмејкерот минатото лето дојде во нашиот клуб од романскиот тим Плоешти, но по неколку месеци од новата сезона изрази желба за промена на локацијата. Во неколку долги разговори со кошаркарот, дојдовме до заеднички заклучок дека во моментов најдобро за двете страни е да се прекине соработката и да му се овозможи да најде средина во која ќе може уште подобро да се снајде и искаже.

Магдевски сезонава настапи на седум средби во АБА-лигата со просек од 4,9 поени, 2,7 скока и 5,4 асистенции за 17 минути просечно минати на паркетот, додека во македонската Прва лига на шест натпревари реализираше по 6,5 поени, 4,8 скока и 3,7 асистенции за нешто повеќе од 20 минути во просек.

Ова, секако, не значи дека нашата приказна засекогаш завршува тука, со оглед што пред него допрва се најубавите играчки години, а вратите на гордоста на Аеродром постојано се отворени за најдобрите македонски кошаркари. МЗТ Скопје Аеродром му се заблагодарува на веќе поранешниот плејмејкер за сè што направи во плаво-белиот дрес во изминативе месеци, со желба за успешно продолжување на кариерата и наоѓање на тоа што го бара во некоја друга средина.

Сè до следното видување и евентуална нова соработка.