Нова рутинска победа во Првата лига – победено Куманово!

Уште една рутинска победа за нашите кошаркари во Првата лига, овој пат остварена во вечерашната пресметка на домашен терен против Куманово (86-72) во последниот дуел од шестата рунда.

Клучна за триумфот беше третата четвртина (28-15) во која дојдовме и до плус 21 (64-43), предност која искусно ја задржавме до самиот крај. Плаво-белите одиграа колку што беше потребно без да се потроши премногу енергија, која и тоа како ќе ни биде потребна в недела во дуел од АБА-лигата.

Дамјан Стојановски беше најпрецизен со 12 поени, додека Војдан Стојановски, Страхиња Миќовиќ и Димитар Пандев реализираа по 10 поени, со тоа што последниот имаше и 11 скокови.

МЗТ Скопје сега е на учинок 5-1, колку има и Пелистер, додека засега ороводец на прволигашката табела е Гостивар без пораз. Нашиот следен меч е в недела (27 ноември), а ривал ни е белградска Мега МИС (21 часот) во пресметка од 8. коло од најквалитетното регионално натпреварување.