Лесно го преслушавме Гостивар за два од два во новата сезона!

Нашите момци остварија уште една лесна и убедлива победа за два од два во новата прволигашка сезона, откако вечерва, во „Јане Сандански“, го преслушаа тимот на Гостивар со 85-59.

Ова беше своевиден реванш со камата за двата порази од гостиварци во минатата сезона, кога загубивме и дома и на гости во регуларниот дел од сезоната. Овој пат одигравме максимално сериозно од првиот момент, а отпорот на гостите го скршивме во третиот период, кој го добивме со 23-9. Последната четвртина беше само рутина и шанса за помладите да добијат минутажа во веќе решен натпревар.

Бојан Крстевски со 17 поени и пет скока и Душан Танасковиќ со 15 поени и шест скока беа најдобри кај МЗТ, каде што одлична универзална партија прикажа и Војдан Стојановски со 11 поени, пет скока и шест асистенции.

Следен предизвик за плаво-белите е првиот турнир од АБА2, кој следната недела (9-13 октомври) ќе се одржи во Суботица. Таму ќе го одмериме силите против Цедевита јуниор (10 октомври) односно против Пелистер (13 октомври).