„МЗТ Скопје како најголем клуб во Македонија секогаш атакува на трофеите!“

Нашата екипа со триумф над Феникс во Суперкупот минатата сабота и официјално ја почна сезоната, а во пресрет на стартот на новото домашно првенство денеска беше одржана прес-конференција на која присуствуваа тренерот Васко Атанасов и капитенот Дамјан Стојановски.
Младиот стратег на аеродромци, кој има само 29 години и кој ја почнува првата сезона како прв тренер на сино-белите, верува во својот состав и најавува борба за сите трофеи, без да размислува за квалитетот и силата на ривалите.
„Сезоната ја почнавме со пехар во Суперкупот, што секогаш е добро за моралот. Го сочувавме костурот на тимот од минатата сезона, засилен со нови четворица странци и неколку квалитетни домашни играчи. Задоволен сум од начинот на кој ги одработивме подготовките и контролните натпревари, а го имаме составот кој го посакувавме. МЗТ Скопје како најголем клуб во Македонија има една и единствена цел – да ги освои сите трофеи во натпреварувањата во кои учествува. Не размислуваме за противниците, за тоа како и колку се засилиле, туку гледаме само во сопствениот двор и за тоа да одиграме најдобро на секој натпревар“, изјави Атанасов.
Капитенот Стојановски има слични размислувања како и тренерот на составот од Аеродром.
„Добро ги одработевме подготовките, работевме напорно, а одигравме и доволен број контролни средби на кои видовме до каде сме и на што треба во иднина да обрнеме повеќе внимание. Имаме добар тим, спој на младост и искуство, кој ќе има квалитет за да ја продолжи традицијата за освојување пехари. Во АБА2 ќе сториме се за да се претставиме во најдобро светло и ако ни се укаже можност да го нападнеме местото кое би не вратило во јадранската елита. Не гледаме во туѓите дворови, а не интересира само нашата игра. Ако дадеме се од себе, тогаш лесно ќе може да ги оствариме целите“, изјави Стојановски.
МЗТ Скопје првенството ќе го почнат в сабота со гостување кај Кожув (18 часот).