Крстевски на принуден одмор во следните три до четири недели!

Нашиот тренер, Васко Атанасов, се соочува со сериозен проблем во пресрет на финишот од сезоната, откако деталните лекарски прегледи покажаа дека повредата на Бојан Крстевски е од посериозен карактер и дека ќе мора да паузира во следните три до четири недели.

Искусниот центар го повреди прстот на десната рака на мечот против ТФТ на неодамнешниот турнир од АБА2-лигата во Широки Брег, по што мораше да му биде имобилизиран. Крстевски поради тоа ги пропушти преостанатите две средби во БиХ, а потоа и дуелите против Вардар и Академија ФМП од домашното првенство, а нема да биде во тимот и на претстојните четврт-финални серии во двете натпреварувања.

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром следниот меч ќе го одиграат в петок на домашен терен против Гостивар (19 часот), додека плејофот во регионалното натпреварување ќе го почнеме следната среда (10 април) против Широки, исто така во салата „Јане Сандански“.