Кај ФМП ја заокруживме „десетката“ во низа во Првата лига!

Релативно лесна победа на нашите момци над Академија ФМП (98-87) и тоа во вистински момент, за мераклиски финиш на првиот дел од домашната сезона со десетти триумф во низа и како одлично загревање на тоа што цел Аеродром со нетрпение го очекува – завршницата од НЛБ АБА2 лигата (13-17 април).
Серијата 13-0 на крајот од првата и почетокот од втората четвртина ни ја донесе првата поопиплива предност (36-27), која сино-белите кошаркари ја зголемија и до максимални плус 18 во третиот период (74-56) како потврда на бодовите. До крајот беше само рутина и внимавање да не се дојде до нешто непосакувано пред турнирот во „Јане Сандански“.
Роберт Рикиќ со 17 поени и пет скока и Кристијан Николов со 17 поени беа најефикасни во нашиот тим, во кој двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Хуан Дејвис со 13, Морис Кари и Дамјан Робев со по 11 и Немања Милошевиќ со 10 поени. Тренерот Александар Петровиќ, разбирливо, калкулираше со минутажата на најдобрите, чувајќи им ја силата за предизвикот кој ни претстои.
МЗТ Скопје Аеродром со скор 19-3 влегува од втората позиција во Суперлигата, во која ќе се најдат најдобрите шест тима досега, меѓу кои уште се Пелистер, ТФТ, Академија ФМП, Еуро Никел и Гостивар.