Хуманитарен финален турнир во соработка со Фондација Марко Божиновски

Како што најавивме, завршниот турнир од НЛБ АБА2 лигата (13-17 април) ќе има хуманитарен карактер, што значи дека продажбата на карти за сите средби ќе оди преку фондацијата „Марко Божиновски“, која потоа ќе ги пренасочи собраните средства онаму каде што е најпотребно. На тој начин нашиот клуб, заедно со општина Аеродром, уште еднаш ќе му оддадеме почит на нашиот голем навивач и кадетски и јуниорски ракометен репрезентативец на Македонија, кој неочекувано почина пред 10 месеци.

Планирано е да има блок билет, кој ќе чини 300 денари кој важи за целиот турнир, како и поединечен билет за секој натпревар по цена од 100 денари. Цените се симболични, но доволни од целиот турнир да се собере солидна вкупна сума, која и тоа како ќе биде помош за тие на кои им е неопходно, а на кои ќе им биде пренасочена од луѓето од фондацијата „Марко Божиновски“. Продажбата на билетите почнува в четврток (7 април), а ќе може да се купат преку интернет-сајтот www.mktickets.mk, преку продажните места на МК Тикетс во Скопје и низ целата Македонија, како и на билетарата пред спортскиот центар „Јане Сандански“.

Целта на МЗТ Скопје Аеродром е триумф и пласман во Адмирал бет АБА1 лигата, за што, секако, ни е потребна вашата помош. Затоа, дојдете на трибините и во исто време со френетична поддршка помогнете им на нашите кошаркари, а со купување на билет(и) да им помогнете на тие што таа им е најнеопходна.