Испечатете ја страната

Им нема крај на малерите: И без Марко Симоновски на мегдан со Партизан!

2016 22 Дек

Речиси да им нема крај на проблемите со кои се соочува новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром, Анте Назор, кој со едвај девет кошаркари задутре ќе проба да го изненади силниот Партизан, откако денеска дојде последната лоша вест дека Марко Симоновски нема да биде меѓу патниците за Белград.

Македонскиот репрезентативец прво го пропушти утринскиот тренинг поради малаксаност, но набрзо потоа неговата здравствена ситуација се влоши поради што мораше да замине на лекар, каде што му беше утврдена силна вирусна инфекција со драстично зголемена температура и треска. Лекарската препорака беше итна инфузија и неколкудневно мирување во домашни услови, поради што стручниот штаб реши да не ризикува и донесе одлука кон српската престолнина да замине без болниот Симоновски, делумно и како превентива истото да не се префрли и на останатите кошаркари.

Ова е само дополнителен удар за ионака десеткуваниот тим со кој располага Назор, во кој на претстојната средба со белградските црно-бели нема да настапат Даниел Кларк (повреда) и Ксавиер Темс (семејна трагедија). Но, и покрај ова, сите штио заминаа кон српската престолнина најавија дека ќе дадат сѐ од себе во обидот да се изненади големиот фаворит.

Местото на Симоновски во составот на МЗТ Скопје Аеродром ќе го пополни талентираниот Мартин Милевски и тоа за првпат во АБА-лигата сезонава. Тој претходно беше во составот на аеродромци во една слична ситуација во Еврокупот и тоа на средбата со Лиеткабелис на домашен терен.